Македонија 18. јули 2019. / 22:45

ДВ: Откажана утрешната лидерска средба

ДВ: Откажана утрешната лидерска средба

По седницата на ЦО, извори од СДСМ велат дека е откажана закажаната лидерска средба поради одбивањето на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ да присуствува на неа, пренесува ДВ.

Лидерската средба на која утре требаше да се расправа за Законот за обвинителство, пописот, Изборниот законик и други актуелни теми, е откажана, дознава ДВ од извори во СДСМ.

Тоа на вечерашниот состанок на Централниот одбор на партијата го потврдил и партискиот лидер Заев.

Образложението било дека без присуство на првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски нема причина да се одржува состанокот на кој требаше да присуствуваат и лидерите на ДУИ и Алијансата на Албанците, Али Ахмети и Зијадин Села.

Од ВМРО-ДПМНЕ денеска потврдија дека Мицкоски не планира да се појави на средбата доколку на неа не се разговара за организирање предвремени парламентарни избори.

Како што пред неколку дена најави претседателот, нема да се појави на лидерската средба. И доколку има некаква лидерска средба, таа лидерска средба ќе биде само за разговор за предвремени парламентарни избори – изјави претседателка на Унијата на жени на партијата, Благица Ласовска.

На Заев му се потребни гласовите на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието за Законот за јавно обвинителство, кој е еден од условите за европската интеграција на земјата.