Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски кој е во Атина како шеф на собраниската делегација во Парламентарното Собрание на НАТО, истакна дека кога го користи името Македонија, внимава да не создаде никаква провокација.
– Го користам името Македонија, но внимавам да не создадам момент на провокација кон кој било колега од земјите членки, со што, можеби, би ѝ наштетил на сопствената држава. НАТО и ЕУ – перспективата се стратешки правец на ВМРО-ДПМНЕ од самото нејзино создавање. – изјави за „Независен весник“ Димовски, кој е деновиве мошне активен како претставник на македонското Собрание на состаноци поврзани со процесот на ратификацијата на пристапниот протокол за Република Северна Македонија во НАТО.
Димовски е моментно во Атина, каде што како шеф на делегацијата на Собранието на Северна Македонија во Парламентарното Собрание на НАТО, ќе учествува на состаноците на Политичкиот комитет и Комитетот за цивилна димензија на безбедноста, што почнуваат денеска, а ќе траат до 6 март. Во Атина е и пратеничката на СДСМ Катерина Кузмановска.
Претходно Димовски, заедно со потпретседателот на парламентот Весел Мемеди, беше на состанок на НАТО во Брисел, а минатата седмица беше во Хрватска, каде што во тамошниот парламент присуствуваше на ратификацијата на протоколот за членство на Македонија во НАТО, заедно со потпретседателката на Собранието од редовите на СДСМ Фросина Ременски, а беше присутен и државниот секретар на МНР Виктор Димовски.
На прашање кое име го користи за државата на состанците поврзани со НАТО на кои присуствува, иако, како пратеник на ВМРО-ДПМНЕ, не го поддржа спроведувањето на Преспанскиот договор, односно уставните амандмани што произлегоа од него, Димовски ни изјави дека слабостите во содржината на овој договор не треба да биде причина за повкелување од стратешките цели на земјата, како што се членството во ЕУ и во НАТО.
– Болната и тешка содржина на Преспанскиот договор не треба да да биде прилика за чие било повлекување од тој стратешки правец. Слабостите на Преспанскиот договор не се во неговата цел, туку во неговата содржина. – вели Димовски.
Темите на состаноците во Атина се фокусираат на грчките надворешни и безбедносни приоритети, граничната безбедност, миграциите и бегалците, улогата на Русија на Балканот и грчките перспективи за предизвиците во јужното крило на НАТО. На состаноците учествува и Медлин Мун, претседателка на ПС на НАТО, а се предвидува и посета на два бегалски кампа близу Атина. Предвидена е и посебна сесија со генералниот директор на грчката Фондација за европска и надворешна политика ELIAMEP, на која ќе се дискутира за: безбедноста во Источниот Медитеран, безбедноста и стабилноста на Балканот и Русија и регионалната безбедност.