Министерот за надворешни работи Никола Димитров на конференцијата „Економист” што се одржува во Атина рече дека ќе ја убдеува новата грчка Влада дека Договорот од Преспа не е товар, туку создава шанси и можности.
Димитров во изјава за новинарите потенцира дека тоа што е добро за Грција е добро и за Македонија, па затоа ќе се обиде да стекне доверба и кај новата грчка Влада.
– Ние во процесот на преговорите развивме една навика да мислиме на интересите на другиот и мислам дека затоа и овде дел од моите пораки беше дека „добра вест за Грција е добра вест и за Северна Македонија”. Мислам дека ако успееме да ја создадеме таа доверба и со новата Влада, Атина ќе има интерес ние да одиме напред во пристапните преговори кон Европската унија. Прво затоа што тоа е многу добро за нас, а по истата логика тоа ќе биде добро и за Грција и второ имплементацијата на Преспанскиот договор е врзан со пристапните поглавја во однос на постоечките документи. – објасни министерот за надворешни работи.
Димитров, коментирајќи ги позициите на новата грчка Влада ги спомена изнесените ставови на министерот за одбрана на Грција на утринската сесија на „Економист” кој се фокусираше токму на имплементацијата на договорот.
– Мислам дека има три важни столбови. Едниот е дека се работи за меѓународно право. Второ има многу голем меѓународен влог во договорот бидејќи беше поздравен од сите или речиси од сите политички центри во светот. Може многу да се изгуби сега ако се свртиме на страна и трето логично е и многу е природно да се инвестира во еден однос на доверба и со новата влада и мислам дека треба да работиме да ги убедиме во тоа што ние веруваме дека договорот од Преспа е голема шанса и можност, а не товар. – рече Димитров и додаде дека важно е да се покаже дека Договорот од Преспа отвора и конкретни економски придобивки и за двете земји.
Околу разговорите за трговските ознаки, министерот објасни дека договорот има механизам и веќе постојат и од двете страни експертски тимови кои што е дел од комисијата што ќе ги решава конкретните прашања поврзани со брендови, трговски марки.
– Ќе има и меѓународни експерти кои ќе помагаат, ќе олеснуваат во тој процес. Така што добро е што имаме еден механизам што ќе го штити интересите на бизнисите од двете страни и тоа е почната работа. Треба веројатно после одморите тоа да се одвива поинтензивно. – објасни Димитров.
Во однос на економски теми меѓу двете земји како што се нафтоводот Скопје-Солун, министерот истакна дека „политички гледано, ако го решивме најтешкото прашање” кое тој на конференцијата го илустрираше со тоа дека „се искачивме на врвот на планината”, рече дека „ќе најдеме начин да се искачиме и на пониските брда”.