Апсењето на Бојан Јовановски – Боки 13, ја изненади јавноста, но и дел од власта. Овој јавен поддржувач на СДСМ вчера беше уапсен поради сомнение за кривично дело „примање награда за протизаконито влијание“ и за перење пари.
Шефицата на Обвинителството за организиран криминал, Вилма Русковска, побара од Кривичниот суд да изрече мерка притвор за Боки 13 и Зоран Милевски познат како Зоки Кичеец. Вчера, доцна вечерта, беше изречен притвор за двајцата во траење од 30 дена. Оваа ситуација СДСМ ја искористи да се пофли дека законот важи подеднакво за сите. Министерот за надворешни работи Никола Димитров, пак, ја искористи пирликата да напише дека системот конечно почнува да функционира и да спроведува правда.
Сепак, се поставува прашањето зошто СДСМ и Димитров молчеа за претходните нелегални активности, поврзани со Боки 13.
Минатата година Боки 13 беше фатен во шверц на лусузни чевли, а јавноста не доби официјален одговор кој ургирал да му биде скината казната за сторениот царински прекршок, за кој требаше да плати 15.000 евра.
Како што се пишуваше во медиумите, тогаш, на Бојан Јовановски му била поднесена прекршочна пријава за шверц, но наместо да ја плати глобата, Боки 13 си ги зел запленетите обувки и без да плати казна си заминал.
Боки 13 бил фатен на скопскиот аеродром во шверц на 19 парчиња луксузна гардероба. Тој долетал со авион од Виена, но не пријавил ништо за царинење. Сепак, цариниците во багажот на Боки 13 се наѓале 10 пара машки чевли од марките „Givenchy“, „Gucci“, „Giuseppe Zanotti“, „Tom Ford“, „Christian Louboutin“, „Laurent“ и „Louis Vuitton“, потоа четири пара луксузни папучи од марките „Gucci“, „Fendi“ и „Giuseppe Zanotti“, и еден пар очила за сонце „Gucci“, како и два пара ремени од марките „Louis Vuitton“ и „Gucci“.
Ова не е единствен скандал поврзан со Боки 13. И покрај огромното пробивање на рокот за доставување на ценовник за платена политичка програма до ДИК, телевизијата „1 ТВ“ на контроверзниот Боки 13, добила дозвола од државната изборна комисија да емитува реклами за изборната кампања. Инаку, претходно ДИК ја диквалификуваше „1 ТВ“ од политичко рекламирање поради двонеделното пробивање на законскиот рок за доставувањето на ценовникот за реклами до комисијата.
Подоцна, „1 ТВ“ поднесе и тужба против ДИК до Управен суд, но на почетокот на април, Управниот суд ја отфрли тужбата на телевизијата. Потоа оваа телевизија за истиот случај поведе постапка пред Основен Суд Скопје 2, што е правен преседан. Основниот суд Скопје 2 донесе решение со кое и се наложува на ДИК веднаш да го објави ценовникот на 1ТВ и да го испрати до политичките партии. По ова ДИК поднесе жалба до Апелација. Државната изборна Комисија во жалбата до Апелација наведува и дека Основниот суд 2 не може да донесе времена мерка, со која во рок од 30 дена би поднела тужба за утврдување на правото на платено политичко рекламирање и надомест на штета од 100.000 евра, колку што проценува 1ТВ затоа што овој суд не е ниту надлежен да постапува по управни постапки, туку за граѓански.
Скандалозно е и тоа што Боки 13 се претставува како сопственик на 1ТВ, но во Централниот регист3р, тој не е заведен како таков. АВМУ едногласно донесе одлука да поведе постапка за утврдување дали постои повреда на забраната за таен сопственик на радиодифузерот 1ТВ.
Според Централниот регистер 1ТВ е во 100% сопственост на „БЈМ Медиа Груп” што е во сопственост на Миле Јовановски, а не на неговиот син Бојан.
– На ваков начин се врши директно прекршување на членот 44 од Законот за медиумски услуги со кои што е забрането тајно сопствеништво на радиодифузерите. – констатираа членовите на Агенцијата на медиуми.
За наведените нелегални активности на Боки 13, власта целосно молчеше, а за вчерашното апсење реагираше, по што се отвора сомнеж во јавноста за искрената посветеност на власта за владеење на правото.