Владата на седница утврди дека ќе се воведе кризна состојба на дел од територијата на Република Македонија, во општините Дебар и Центар Жупа, соопшти денеска министерот за здравство, Венко Филипче на прес-конференцијата за состојбата со корона вирусот.
Тој информираше дека досега заразените пациенти се стабилни, освен првата пациентка од Дебар, патничката која пристигна со својот сопуг, која има влошена здравствена состојба и е практично на граница да биде вклучена на апарати за механичка вентилација.
– Специјалистите се надеваат дека ќе го преброди овој период со дополнителна терапија, но спремни се доколку има дополнително влошување да ја вклучат на апарати, рече министерот Филипче.
Министерот информираше и нови четири случаи заразени од корона вирус. Денеска биле тестирани материјали за уште 10 лица кои се во врска со втората група на хоспитализирани пациенти од Дебар, вкупно 24 во домашна изолација, од нив, четири пациенти покажале знаци за горно респираторно воспалување и ќе бидат префрлени на Клиниката за инфективни болести, појасни министерот.