Македонија

Чакаровски и Алаѓозовски со нови функции: Бошњаковски објасни дека позицијата национален координатор не е нова

Чакаровски и Алаѓозовски со нови функции: Бошњаковски објасни дека позицијата национален координатор не е нова

Позицијата национален координатор постои и една од можностите кои ги има Владата е да назначува ваков вид функционери во областите во кои работи.

Ова го истакна денеска портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски, одговорајаќи на новинарско прашање да даде коментар за последните назначувања на национални кооординатори за здравство и за култура.

На позицијата национален координатор за здравство вчера Владата на седница го назначи Гоце Чакаровски, кој беше заменик-министер за здравство, а претходно за национален координатор за култура беше назначен Роберт Алаѓозовски, откако беше сменет од функцијата министер за култура.

Одговарајќи на новинарско прашање за тоа дека по смената од заменичко-министерската, односно министерската функција на Чакаровски и Алаѓозовски всушност во јавноста се создал впечаток дека Владата „некаде ги сместила“, Бошњаковски нагласи дека оваа функција постои и не е нова, а Владата има право да именува такви функционери во сите области во кои работи.

– Националниот координатор како функција постои. Тоа е дел од можностите кои ги има Владата да назначува функционери, во конкретниот случај национален координатор во областа на културата и национален координатор во областа на здравството. Тоа мора да се донесе со одлука на Влада, не се работи за нови функции, а Владата има можност да назначи национални координатори за различни аспекти од нејзиното работење, вклучувајќи ги и различните области кои ги обавуваат ресорните министерства – рече владиниот портпарол.

Тој додаде дека не се работи за препокривање на работите кои ги имаат ресорните министерства, туку за повисоко издигнување на координацијата, која постои во одредена област.

– И претходната влада имала национални координатори и сите претходни влади имале национални координатори – рече Бошњаковски.