Македонија 14. ноември 2020. / 09:41

Бугарските барања нема да донесат ништо добро, смета аналитичарот Мајсторовиќ

Бугарските барања нема да донесат ништо добро, смета аналитичарот Мајсторовиќ

Брисел очекува позитивно решение како заеднички остварен резултат на сите страни за успешна интеграција на Северна Македонија во ЕУ и потврди дека Северна Македонија е подготвена за првата меѓувладина конференција за почеток на преговорите со ЕУ.

Ова, меѓудругото беше посочено во вчерашниот телефонски разговор меѓу претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и премиерот Зоран Заев. Дер Лајен повтори дека Северна Македонија е успешен и позитивен пример за Западен Балкан за остварените реформи, за постигнатите договори со Грција и Бугарија, и за лидерството во регионалната соработка.

Српскиот аналитичар Срѓан Мајсторовиќ кој е одличен  одличен познавач на приликите во регионот и експерт за европски интеграции, синоќа за телевизија Телма рече дека бугарските барања нема да донесат ништо добро и оти земјава, која е конструктивна и кооперативна да излезе во пресрет на своите соседи со конструктивни предлози, сега со барањата на Софија практично сега е притеснета во одредена крајност.

Мора да останеме оптимисти до последен миг и да се надеваме дека бугарската Влада сепак ќе сфати дека е во интерес токму на Бугарија и на самата Европска Унија, преговорите со Македонија и Албанија да почнат оваа година, како што беше тоа и планирано, изјави Мајсторовиќ.

Изрази жалење што сме сведоци дека во процесот на проширување на Европската Унија, одредени држави сакаат на некој начин да остварат некакви свои билатерални, национални интереси и на тој начин да влијаат на динамиката на процесот на пристапување на одредени држави на ЕУ.

Повторно, за жал, Македонија тоа многу драстично го доживеа во своето блиско минато и кога сите мислевме дека со решавањето на прашањето со Грција, конечно ќе и биде отворен патот на Македонија, да почне со пристапните преговори, Бугарија сосема неочекувано и по потпишувањето на Договорот за пријателство и добрососедски односи, излезе со одредени барања, кои навистина во овој миг, не можат да донесат ништо добро. Затоа што од една влада на Македонија, која е многу кооперативна и подготвена да излезе во пресрет на своите соседи со конструктивни предлози, практично сега е притеснета во одредена крајност, оценува Мајсторовиќ.

Тој изрази загриженост дека Бугарија не е единствена во овој процес, туку само е држава што многу јасно и гласно ги изрази своите резерви и постави одредени услови.

Но јас се плашам дека ситуацијата во Европската Унија е таква што многу повеќе држави членки, за жал, седат многу комотни зад бугарското барање, рече Мајсторовиќ.

Според него, постојат држави што во овој миг не се подготвени поактивно да се ангажираат во процесот на проширување на Европската Унија, затоа што сметаат дека ЕУ има свои проблеми.

Тие се под притисокот на сопственото јавно мислење, кое пак под влијание на бројни популистички движења и политички партии, смета дека понатамошното ширење на ЕУ практично ќе доведе до осиромашување на нивните држави и до нови мигрантски бранови. Тоа секако е многу затегната теорија и многу повеќе наликува на теорија на заговор отколку што има темел на реалноста, вели српскиот аналитичар.

Во вторник, на 17 ноември, треба да се одржи Седницата на советот на министри за надворешни работи, на која се очекува одлука за одржување на првата меѓувладина конференција.

Премиерот Зоран Заев овој четврток изјави дека се прават напори до последен момент да се најде решение, но, како што рече, за некои работи не се преговара никаде во светот, ниту кај нас, како што се идентитетот и јазикот. Тој повтори дека е можно да не се постигне решение за условувањата на Бугарија и да не се одржи првата меѓувладина конференција со ЕУ.