Македонија останува на позицијата дека треба да се искористат сите можности за изнаоѓање соодветно, взаемно решение за билатералните разлики по различни прашања со Бугарија, како и за враќање на довербата во ефикасноста и успешноста на Договорот за пријателство од 2017 година, соопштија од Министерството за надворешни работи известувајќи за втората посета на Софија на специјалниот претставник за дијалогот со Бугарија Владо Бучковски.
Тој вчера во Софија се сретнал со вицепремиерката и министерка за надворешни работи Екатерина Захариева со која, како што објавија бугарските медиуми, размениле идеи за продолжување на процесот за враќање на довербата меѓу двете земји.
– Република Бугарија предложи акциски план за соработка со Република Македонија во спроведувањето на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка. Овој документ, кој се однесува на сите ресорни министерства, се очекува да биде потпишан на претстојниот состанок на Заедничката меѓувладина комисија (согласно член 12 од Договорот), напиша БГНЕС, во објава за средбата на која се повика на бугарското Министерство за надворешни работи.
По таквата објава шефот на македонската дипломатија Бујар Османи во телевизиско интервју рече дека тоа што вчера го добивме како одговор од Бугарија е всушност нивно гледање на нашиот Акциски план, односно размена на идеи по однос на тој план. Наредниве денови, рече тој, треба да го разгледаат внимателно, да видат што од тоа може да се реализира, што може да биде спорно, и потоа ќе имаат појасна позиција. Се работи за одговор на нашиот Акциски план, потенцираше Османи во интервју за ТВ Телма.
Нашето МНР во соопштението пред средбата потсети дека при крај на минатата година бил доставен Акциски план за имплементација на Договорот за пријателство од 2017 година, за што во разговор меѓу министрите Османи и Захариева било договорено да бидат разменети забелешки, мислења и соодветни предлози.
-Во оваа насока во претстојниот период ќе имаме конструктивен придонес преку нашиот специјален претставник, а истото го очекуваме и од бугарска страна, како единствен можен начин до изнаоѓање решение, соопштија од Министерството за надворешни работи.
Следната меѓувладина конференција треба да се одржи во Скопје, но како што рече Османи, откако двете страни ќе проценат дека има доволно материјал за да може да се состане и да усвои документи кои потоа ќе бидат усвоени на Влада. Досега комисија има усогласено текст во однос на пет историски личности, а два историски периоди се начелно усогласени – треба да се преточат во конкретни препораки за учебниците.
Османи тврди дека Бугарија е на јасна позиција дека не ги спори идентитетските прашања.
– Јас во неколку наврати кажав дека ако нешто корисно произлезе од последните четири месеци обиди за комуникација е јасната искажана позиција на Република Бугарија дека не ги спорат идентитетските прашања. Може да видите бројни изјави на бугарски официјални претставници кои тоа го кажуваат. Оттука треба да се почне дека ова прашање не е прашање на ревизија на идентитетските атрибути и дека историјата како предмет на историската комисија има за цел да ги корегира учебниците во двете држави што создаваат анимозитет меѓу двата народа, токсичност во амбиентот и да ги приближи двата народа, но не историјата како основа на идентитетските прашања. Во основа тука е и проблемот – недоволното разграничување околу предметот што го третира Договорот за добрососедство. Сметам дека со тек на време се повеќе се разграничува ова прашање, смета Османи.