Македонија 22. јули 2019. / 09:12

Божин Павловски и Владимир Милчин отворено му се спротивставија на Заев

Божин Павловски и Владимир Милчин отворено му се спротивставија на Заев

Интервјуто на македонскиот премиер Зоран Заев за грчката телевизија Алфа предизвика бура од реакции на социјалните мрежи. Академици, режисери, политиколози… реагираат на изјавата на Заев за историјата.

Пренесуваме дел од тие реакции.

Академик Божин Павловски:

Господине Заев, за ова што си го изјавил пред грчкиот телевизиски аудиториум во држава што поседува изградени политички критериуми би морал да се засрамиш. 99 проценти од македонската наука, култура и уметност е беспрекорно коректна кон сите свои соседи. Доказ се над 70 илјади наслови на книги и публикации во нашите библиотеки и архиви. Зошто толку лаички и смртно опасно го поткопуваш нашиот духовен живот? Твоето површно гледање на работите може да го разори целиот образовен систем, кој и без тоа минува низ криза. Размислувај пред да отвориш уста, те молам.

Владимир Милчин:

Господине Заев, знаете ли нација на глобусов која не присвојувала? Најголемите нации најмногу присвоиле. И територија и историја. Она што не можеле да го асимилираат, го набркале или го истребиле. Ме вџашува леснотијата со која демонстрирате скудно познавање на историјата и ги навредувате Македонците кои паметат или знаат колку и кои војски газеле овде и што оставиле зад себе.

Премиерот Зоран Заев во интервјуто објавено на грчката телевизија Алфа, а направено во Скопје, три дена пред изборите во Грција говори за точките регулирани со договорот со Грција, во однос на јазикот и словенските корени. Заев во интервјуто вели дека сме ја присвојувале светската и балканската историја како наша, македонска.

-Во минатото обидот да се промени и извитопери нашата историја со преземање на светска, балканска и туѓа историја како наша, без да се води сметка како тоа влијае кај соседите предизвика состојба да бидеме буквално скарани скоро со сите соседи и се затворија сите процеси за интеграција во ЕУ и НАТО, рече Заев.

На ова реагираше и Ивор Мицковски:

Оф бе Зоки, па секоја нација е халуцинација, базирана на митови и преувеличени историски посебности.

Така имаш мит за Венеција, мит за Дубровник, романтичарскиот мит за Грција, мит за Нацијата, култ кон Нацијата.

Идејата е од повеќе конфликтуални идеологии, да се обедини нацијата ако може околу една, доминантна нарација.

Затоа некад има и поделби или граѓански војни. Ама јеби га, ти на нива си бил кога тоа се учело. Не тропај за работи што не ги разбираш, и ако веќе сме држава, нација, тогаш мораме да имаме колку-толку усогласена верзија околу националниот идентитет. И да не тропаш како само ние да сме присвојувале.

Можеме и да немаме усогласеност, и да се делиме ко мајмуни, додека вие политичарите профитирате од тоа. Ама нели помирување ќе правевте.

Абе Зоки, и атомот неделив бил пред 70 години, ама само затоа што не знаевме.