Македонија 04. јануари 2020. / 16:47

Боки 13, Катица и Ременски тргнуваат против Заев?!

Боки 13, Катица и Ременски тргнуваат против Заев?!

Бојан Јовановски, Катица Јанева, Фросина Ременски, во ист ден кога, сега веќе поранешниот претседател на Владата, Зоран Заев, поднесе оставка заради формирањето на техничка или преодна Влада, дадоа интересни изјави кои јавноста веќе ги толкува како пораки до врвот на власта.

Имено, на последното рочиште Боки 13 рече дека е политички затвореник, нагласувајќи дека доставил барање до обвинителот Љубомир Јовески со цел да му сподели доверливи информации. Во меѓувреме, тврди дека добивал закани да не прозборува, особено после исказот што го дал пред Вилма Русковска. Се чуди дека на неговото барање, кое истакнува оти било многу сериозно, се уште немал никаков одговор од Јовески.

Истовремено, поранешната специјална обвинителка Катица Јанева, вчера пред судиите дала изјава која медиумите експресно ја пренесоа. „Заев заврши“ рекла Јанева во моментот кога нејзиниот адвокат и оној на Боки 13 и честитале Нова Година на Русковска. Не се приклучила кон честитката туку само кусо рекла „Заев заврши“.

Третата порака власта ја доби од Фросина Ременски. Откако падна обвинение за неа како човек кој помагал во криминалот со „Меѓународен сојуз“, излезе пред новинарите во Собрание и буквално побара поддршка од опозицијата со цел да се откриела целата вистина за нејзината невиност.

– Тоа секако ќе се докаже, но некој мора да сноси одговорност и можам слободно да кажам дека со овој процес можам слободно да најавам и реформа на ЈО, имајќи предвид дека многу од прашањата допрени до јавноста, останаа неодговорени и секако тука не очекувам соработка со останатите институции, но очекувам соработка од новиот министер за внатрешни работи кој можеби ќе има слух и сенс за одредени прашања кои не беа отворени во изминатиот период. Со тоа да добијат гласност и опозицијата да покаже дека стои на ставот дека ќе работи професионално и согласно закон, рече Ременски.

Кому му одговара Јанева да е во притвор, како и Боки 13, а Ременски, која најави дека поседува доверливи документи, да биде под обвинение? Дали се ова индиректни пораки кон екс-премиерот или до луѓе блиски до него?