За Македонија и Албанија ништо не е завршено, туку е одложено, изјави пред новинарите премиерот Бојко Борисов, откако не беше постигнат консензус меѓу државите-членки на ЕУ за почеток на преговорите за членство на двете држави, јавуваат бугарските медиуми.
Тој посочи дека се склучени Преспанскиот и договорот за добрососедство, а Албанија вложува напори за реформи.
-Тие секогаш ја имале нашата поддршка, а двете комисии сега можат за 6-7 месеци да завршат се што е потребно, изјави Борисов.
На прашањето дали примерот со Македонија е исто како бугарскиот со влегувањето во Шенген зоната, бугарскиот премиер изјави дека е лесно да се обвинуваат две-три земји, но оти огромен дел од државите се „за“ Бугарија во Шенген. Тој посочи дека не сака да зборува во името на Франција зошто ги стопира Северна Македонија и Албанија и додаде дека никој не вели „не“, но оти сите сакаат се да биде добро исполнето.
-Го посоветував Заев да не поднесува оставка, зашто има уште многу работи да се завршат, изјави Борисов.
Ако во Македонија има партии и сили, кои сакаат да се вратат назад, тоа е исто голем проблем, дополни премиерот и посочи дека не е во ред од него да се дознава што се случило во Скопје.