Македонија 30. октомври 2018. / 13:02

Богојески му предлага на Мицкоски итно разрешување на Никола Груевски од позицијата почесен претседател

Богојески му предлага на Мицкоски итно разрешување на Никола Груевски од позицијата почесен претседател

Поранешниот заменик генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ Петар Богојески, кој беше разрешен од функцијата, за „Економски Лидер” изјави дека претседателот Христијан Мицкоски треба да го разреши Никола Груевски од позицијата почесен претседател.

Богојески смета дека за ВМРО-ДПМНЕ да почне да ги практинува европските принципи и вредности, Мицкоски треба да побара од Груевски неотповикливо да се повлече од позицијата почесен претседател на партијата или да биде разрешен.

Денес е гордост да се констатира како заложбите на внатрепартиската иницијатива за реформи на ВМРО ДПМНЕ стануваат агенда на многумина сегашни и поранешни функционери. Тоа беше целта. Идејата да стане прифатлива за мнозинството од нашата партија. Во таа смисла можеме да искажеме големо задоволство.
Се пропушта една суштина. Тоа е промената на Статутот на ВМРО ДПМНЕ, во насока на негово суштинско демократизирање, а не шминка. Една од главните точки на сопирање во соработката со Статутарната комисија на ВМРО-ДПМНЕ при изработка на новиот Статут, беше и остана нашиот предлог, секој функционер на партијата, кој ќе биде правосилно осуден за кривично дело со кое се нарушува неговата чест и углед, а со тоа и на партијата, да биде разрешен од функцијата, па дури и исклучен од членство во истата. Во таа насока, како знак на почеток на практикување на европските принципи и вредности, му предлагам на претседателот Христијан Мицкоски, да побара од Никола Груевски неотповикливо да се повлечи од местото почесен претседател на ВМРО ДПМНЕ или да биде разрешен. И таа пракса да се воспостави за сите функционери во партијата во периодот кој следува, а предлогот тоа да стане статутарна одредба да биде прифатен– изјави Богојески за Лидер.

Инаку Петар Богојески е долгогодишен член на ВМРО-ДПМНЕ, уште од тинејџерските години. Тој е еден од лидерите на иницијативата за реформи во партијата која почна во времето на Никола Груевски.