Триесетина интелектуалци, претежно универзитетски професори, вчера покренаа иницијатива за кандидатура на проферсорката Гордана Силјановска – Давокова за претседател на државата.
Еден од предводниците на иницијативата е нејзината колешка и долгогодишна пријателка – Билјана Ванковска, што претставува главен поттик на „Економски Лидер за нашето денешно интервју.
Најголем дел од професорите кои ја потпишаа иницијативата, доаѓаат од левата страна на политичкиот спектар, но и покрај тоа, тие во нивното писмо до јавноста тврдат дека Силјановска може да биде обединувачки фактор на опозицијата во Македонија.
„Економски Лидер“ е медиум со јасно изразена неоконзервативна идеолошка определба, конзервативците во Македонија кои доаѓаат од опозицискиот блок – веќе имаат изградено приказ за тоа како треба да изгледа идниот претседател на државата и ние заедно со нив сме на гледишта многу поблиски со оние на Владимир Ѓорчев отколку со овие на Гордана Силјановска. Но, и покрај тоа што имаме друг фаворит во трката, демократски отстапуваме простор и за другата страна.
Ванковска во интервјуто вели дека многумуна се прашуваат „Чуму ни е сега претседател на Северна Македонија“, но, прифаќањето на овој предизвик од страна на Силјановска-Давкова, таа го гледа како знак на отпор, а не на помирување со судбината.
Како професор застанавте зад кандидатурата на Вашата колешка Гордана Силјановска-Давкова. Зошто сметате дека токму таа е вистинскиот избор за прв човек на државата? Каков државник ни е потребен?
Зад оваа иницијатива застанав најнапред како граѓанин, а дури потоа како професор. Колешката Силјановска-Давкова – не е тајна – ми е долгогодишна пријателка, и ми требаше многу голема мотивација да се нафатам да ја „турнам“ во ваков политички процес, кој не е ни чист, ни пријатен. Освен тоа, Македонија се наоѓа во најкритичен момент од својата политичка и државна историја, со заробена држава и со заробен устав, со народ кој е парализиран и со надеж која е во умирање.
Верувајте не ми беше лесно некому што го почитувам и сакам да му порачам дека треба да влезе на овој ринг, во кој опонентите нема да играат чисто (и тоа е веќе евидентно) и во којшто ќе треба многу сила да се издржи. Но, превагнаа два момента: прво, за Македонија мораме да сториме сѐ што е можно и мисијата на Силјановска-Давкова е токму таква: обединувачка и со намера да се врати надежта дека граѓанската волја може да донесе промена.
Ова е особено важно поради фактот што сегашната власт го помножи со нула нашиот став изразен на 30 септември, и така покажа дека не го црпи легитимитетот од нас, туку од надворешните центри на моќ. Второ, за жал, мал е бројот на личности со таков интегритет и спој на разум/знаење и срце, а ние не можеме да си го дозволиме луксузот да играме по принципите на плуралната демократија и конкуренција. Потребна ни е синергија, спојување на капацитетите, и идентификација во некоја личност што оличува сѐ што ни е важно како на индивидуаи и како на нација. Иако флоскулата за натпартиски и независен кандидат и досега била (зло)употребувана безброј пати, овој пат таков кандидат е императив.
Верувам дека таа може околу себе да обедини граѓани со различни погледи на светот, идеологии, социјални или политички преференци – како што, впрочем, покажа и листата на потписници (составена во само ден-два). Сега останува да видиме дали политичките партии од опозицискиот блок ќе го видат ова и ќе си признаат дека инфериорната позиција во која се ставени можат да ја сменат доколку ги обединат силите. Посебна одговорност, би рекла историска (особено ако ова бидат последните непосредни избори за претседател) ја има најголемата опозициска партија.
Иако Македонија е парламентарна демократија, сепак Претседателот не е само марионета, напротив во последниот мандат на Ѓорѓе Иванов видовме дека шефот на државата може да ги креира политиките. Што може да промени Силјановска од досегашното функцонирање Претседател-законодавна-извршна власт?
Искрено, претседателот во заминување доцна се сети на своите прерогативи. Тој изгуби најголем дел од својот мандат во својство на посматрач, а се активираше (донекаде) само кон крајот на оваа тажна сага за Република Македонија. Во овој случај, колешката Силјановска-Давкова би дошла на таа функција евентуално во речиси изгубена ситуација. Мнозина, во гнев и фрустрација, дури реагираат неразумно повикувајќи на бојкот и прашувајќи „Чуму ни е сега претседател на Северна Македонија“ во која не се почитува ни устав ни закон. Прифаќањето на овој предизвик од страна на Силјановска-Давкова, јас го гледам како знак на отпор, а не на помирување со судбината.
Ме прашавте каков државник ни е потребен, па да ви одговорам овде: ние никогаш и не сме имале државник, а од колешката очекуваме да биде тоа што не бил никој досега! Тоа е тежок предизвик, бидејќи државникот мора да гледа и зад хоризонтот, и зад темните облаци кои се надвиснати. И да не се плаши од очајот и траумата, мора да води напред и кога е тешко. Не е државништво да свиткаш р’бет или да дозволиш други да те водат како слеп војник на Самоил. Јас сум убедена дека колешката Силјановска-Давкова е зрела личност во возраст која зрачи со мудрост, такт и сенс за историскиот миг. Како професор по уставно право таа ги знае сите Сцили и Харибди, и од нашата уставна историја и од компаративната. Ова е инокосна институција која дава доволен простор личноста да ѝ остави белег и да ѝ внесе душа и виталност.
Сосема е можно, доколку не дојде до смена на власта на парламентарни избори, таа да влезе во ситуација на кохабитација, па дури и да биде заобиколувана или маргинализирана од сегашната власт, но креативен политичар ќе најде начини да комуницира со граѓаните кои ги претставува, да пренесува пораки и опомени преку медиумите (колку и да ја бојкотираат), а пред меѓународната заедница ќе имаме елоквентен и интелигентен лик, кој ќе говори во наше име.
Ѓорѓе Иванов на функцијата Претседател дојде токму со ваква иницијатива, на предлог на неговите колеги. Но брзо по тоа дел од потписниците кои го подржаа се покајаа. Може ли да Ве изневери и проф. Силјановска доколку стане Претседател?
И вашето прашање покажува на извесен начин дека недовербата навлегла длабоко во сите нас. Веќе не веруваме никому, разочарани сме од сѐ што сме пробале досега, и од сите што нѐ лажеле. Дуваме и на кисело млеко. Но, после сѐ што ни се случи, како може да не разочара професорката Силјановска-Давкова? Кога треба да се издигнете од пепелот, и кога стартувате од најлоша можна позиција, можеби за промена треба да сме малку оптимисти, и тоа со горчина во устите: што остана здраво, за да новиот претседател/претседателка го упропасти?
Намерно зборувам на ваков начин за да ја покажам апсурдноста на моментот. Во изгубена ситуација, можеме само да добиеме со личност која докажа колку ја сака Македонија и колку му е посветена на светиот принцип на владеење на правото. Можеби сум субјективна кога станува збор за Гордана, таа ми е блиска пријателка, ама нека биде и така: јас ѝ верувам! И знам дека никогаш не би потклекнала пред закани, уцени, и не би прифатила да биде соучесник во обезличувањето на својот народ. Знам дека побрзо би си дала оставка, ако не бива инаку, отколку да си ја чува позицијата. Мене тоа ми е доволно!
Треба ли оваа функција да им се остави на политичарите?
Да не бидеме наивни! Без политичка и јавна поддршка ни колешката Силјановска-Давкова не би можела да ја заземе позицијата на шеф на државата. Таков беше случајот и со професорот Иванов кога стана претседател. Всушност, јас мислам дека нам ни треба политизација на политиката, бидејќи ова што е сега на сцена е негација на политиката (во нејзината најдоблесна смисла и значење, како дејност на членовите на една заедница). Од новиот претседател/претседателка го очекувам токму тоа: не само слух за граѓаните од кои ќе го добие легитимитетот, туку и поттикнување партиципативна демократија, комуникација со медиумите, со интересните групи, со разните малцински и ранливи групи, подигнување на статусот на напуштените граѓани. Ние сме политички суштества, ама сме го заборавиле тоа, бидејќи одредени клики ја „киднапираа“ политиката, ни кажаа дека е таа валкана и дека треба да им ја оставиме само ним, дека сме беспомошни… Со кандидат како овој, мислам дека ќе ја оживееме идејата за активни граѓани, за политичка заедница, за демократски и национален дух.
Каква личност треба да биде идниот претседател на Република Сверна Македонија?
Накусо, ќе кажам дека треба да биде ЛИЧНОСТ, а не марионета и тивок привезок на некој центар на моќ. Гордана Силјановска-Двакова во себе спојува многу вредности кои ја прават вистинската и зрела личност, а првенствено умот и срцето. Конечно, зошто не би нагласила и дека жена заслужува да биде на оваа функција, особено имајќи го во вид фактот дека во многу досегашни ситуации жените на јавната сцена покажале дека заслужуваат респект и доверба.