Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги ја осуди изјавата на генералниот секретар на Владтата Драги Рашковски, кој најави дека ќе покрене тужби против новинари и медиуми. Ваквите постапки според АВМУ се директен притисок врз работата на медиумите.
Како што е наведено во Декларацијата за слобода на политичка дебата во медиумите на Советот на Европа: „јавните функционери мора да прифатат дека тие ќе бидат предмет на јавен надзор и критики, посебно по пат на медиумите во поглед на начинот на кој ги извршувале или ги извршуваат своите функции во онаа мера во која тоа е неопходно поради обезбедување транспарентност и одговорно извршување на функцијата“, потсетуваат од АВМУ.
– Секој, вклучително и носител на јавна функција кој смета дека медиум му наштетил на угледот, честа или интересите така што објавил нешто неточно, погрешно или лажно за него или објавил нецелосна информација има право од медиумот да побара да објави исправка или одговор на објавената информација.
Агенцијата постојано апелира првенствено да се користи правото на исправка или одговор наместо директно да се прибегнува кон тужби против новинари и медиуми, особено кога станува збор за носители на јавни функции. – стои во соопштението од Агенцијата.
Рашковски на прес-конференциајта истакна дека утре ќе поднесе кривична пријава за за неовластено снимање против Климент Чепуњовски, како и тужби за клевета и навреди против Иванка Василевска од ВМРО-ДПМНЕ, новинарите Горан Момировски, Миленко Неделковски, Љупчо Златев и Љупчо Палевски. Арбитражна постапка ќе биде поднесена и против медиумите „Експерс” „Курир”, „Инфомакс” и „Лидер”.
Заканите од страна на ген-секот доаѓаат по објавувањето на аудио снимката, на која се слуша како тој навредува наши сограѓани и дава сомнителни изјави во врска со набавката на систем за потребите на М-НАВ.
Агенцијата смета дека овие закани се директен атак врз слободата на информирање и воопшто слободата на медиумите.
– Заканите за тужби, наместо користењето на правото на исправка или одговор претставуваат загрозување на слободата на информирање и воопшто, на слободата на медиумите. Во ниту еден момент не треба да се заборави дека улогата на медиумите е да бидат критички настроени и коректори на власта и дека тие треба да се охрабруваат темелно и професионално да ги извршуваат своите обврски кон јавноста. – велат од АВМУ.
Освен за заканите, Рашковски треба да поднесе одговорност и за навредата кон нашите сограѓани Роми.