СДСМ и ВМРО ДПМНЕ во овој момент се со речиси изедначен рејтинг покажува анкетата на МЦМС. На прашањето „за која партија ќе гласате доколку утре се одржат парламентарни избори“, за СДСМ се изјасниле 24,4%, а за ВМРО ДПМНЕ од 24%.
За ДУИ рекле дека ќе гласаат 6,9%, за Алијансата за Албанците од 2,7%, за Беса 1,7%.
Дури 37,8 проценти од испитаниците изјавиле дека нема да гласаат.
СДСМ се уште има подршка кај 8% од етничките Албанци, додека кај ВМРО ДПМНЕ таа е помала од 1%.
Анкетата на МЦМС ја спроведе М-проспект. Податоците беа прибирани телефонски во периодот од 24 јули до 01 август 2018 година.
Според оваа анкета, на референдумско прашање „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО, со прифаќање на Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција“, „За“ би гласале 41,5%, а „Против“ – 35,1% од граѓаните. Помалку етнички Македонци би гласале „За“ (27,4%) отколку „Против“ (45,2%), додека кај етничките Албанци поддршката „За“ е убедлива (88% наспроти само 2,2% „Против“). Повеќето млади би гласале „За“ (49,2%), а со возраста опаѓа поддршката (34,9%). Слична е тенденцијата и во однос на образованието – со поголема поддршка „За“ кај тие со повисоко образование.
Без оглед на исходот на референдумот, недвосмислена е поддршката за членство на Република Македонија во ЕУ (80,4%) и НАТО (79,9%).
Анкетата е спроведена на повеќеслоен стратификуван примерок од 1026 испитаници постари од 18 години, репрезентативен според пол, возраст, етничка припадност и место на живеење, а дизајниран според периодичната проценка на Државниот завод за статистика од 2017 година. Користен е случаен избор на испитаници, со рандомизирано бирање на броеви и методот на „нареден роденден“. Сите резултати се подложни на статистичка грешка од 3,1% со прифатливо ниво на доверба од 95%.