Македонија 13. септември 2019. / 15:08

АНАЛИЗА: Падот после подемот на последниот политички измамник во Македонија

АНАЛИЗА: Падот после подемот на последниот политички измамник во Македонија

2015 година се чини далеку зад нас. Иако, политичката криза која ја предизвика Зоран Заев таа 2015та во Македонија за некои тогаш, но и денес беше само негов каскадерски потег, сепак лавината успеа да го сруши дотогашниот политички начин на делување на двете големи партии во Македонија.

Правно гледано, Заев успеа да го урниса целокупниот кривично-правен систем и се чини дека оттогаш па се до денес истиот систем му служи како своевидна сончева светлина во неговата политичка фотосинтеза. Подбивањето и презирот со судските рочишта, контролата на Јанева и Рускоска, нарачаните судски пресуди, влијанието во изборот на судии како и тргувањето на гласови за промена на име за амнестија се клучните меѓници кои во правниот живот во Македонија не се паметат изминативе 70тина години државност.

Од каде ваквата опседнатост на Заев да го диригира правосудниот систем на сметка на справување со останатите клучни области, како економијата, инфраструктурата и реформите, од кои буквално крена раце и им ги препушти на останатите да ги хендлираат?

Веројатно одговорот лежи во неговиот страв дека јавноста многу лесно ќе ја разоткрие неговата веќе разоткриена криминогена нарав која според него најлесно ќе се маскира позади криминалите и процесите на другите.

За него сега е збунувачки како воопшто некој го фаќа опколен во заседа со истите оружја со кои тој пукаше врз противникот.

Зар е можно некој така жестоко да го напаѓа Заев кога го има до себе Верушевски како Кербер, но и Мијалков и останатите изгонети од ВМРО како негови јаничари, а се разбира и меѓународните претставници кои до пред летото сите до еден, без исклучок беа на негова страна?

Како е возможно самопрогласениот балкански лидер да се соочува со разоткривање на најмрачните тајни од неговото владеење во време кога сите тајни служби во државава ги раководат негови foot soldiers?

Ова се прашањата кои Заев од почетокот на летото си ги поставува себеси. За него е неверојатно како една партија како ВМРО, која кадровски, правно и медиумски ја осакати да биде центарот на гравитација на сите оние кои повеќе не можат да дозволат злоделата на Заев да останат скриени.

Токму затоа сиот негов бес се истури преку медиумите, кои сеуште ги контролира, врз лидерот на ВМРО Христијан Мицкоски, кој на прес јавно обзнани дека од свиркачи ги добил податоците од истрагата за Рекет. Заев во налет на нервоза заборави на десетиците УСБ стикови, компактни и екстерни дискови кои ги добиваше токму од Верушевски и свиркачите Костовски и Лазаревски како тогашен лидер на опозицијата. Тоа можеби го заборава или сака да го потисне од колективната меморија, но едно нешто никогаш не смее да заборави, а тоа е библиската: кој со меч удира, тој со меч и ќе погине. Во случајов гинењето е политички пораз, а мечот се разговорите кои беа објавувани.

Единствената, макар и привидна, надеж на Заев е контролата која сеуште ја има врз Обвинителството, особено врз Рускоска. Таа надеж, дека со непреземањето дејствија против него, како и спремноста на Рускоска ако треба да ја дефокусира истрагата за Рекет кон Мицкоски му доаѓаат како терапија за неговата моментална политичка ситуација. За жал играта која му ја игра Рускоска има одредени нивоа после кои настанува game over. Во неговиот случај како и во останатите случаи против него, неговиот брат и Оливер Спасовски сеуште нема јавен обвинител кој е доволно храбар да ги отфрли сите пријави против нив имајќи ги во предвид доказите кои се во прилог. Затоа за нив е приоритет број 1 да се свртат рефлекторите кон Мицкоски и ВМРО. Заев летово на најлош можен начин по него почувствува како е кога наспроти себе нема противник кој е business oriented како Мијалков или уценет до небо како Тодоров.

Се додека Заев е премиер Македонија останува земја буквално превртена наопаку без шанса за сериозен економски и правен исчекор кон достоинствен живот за нејзините граѓани.