Македонија 17. септември 2018. / 15:55

Алфа: Димитров ги „кодошел” Груевски и Црвенковски кај Рикер за несогласувањата околу името

Алфа: Димитров ги „кодошел” Груевски и Црвенковски кај Рикер за несогласувањата околу името

Преговарачот за името Никола Димитров му кажувал доверливи информации на амбасадорот Филип Рикер за позициите на македонскиот табор во преговорите за името, како и за меѓусебните несогласувања кои ги имале претседател Бранко Црвенковски и премиерот Никола Груевски, ова го пишува во извештај објавен на Викиликс, до кои дојде Алфа.

Во документот каде се опишува средба Димитров Рикер од 30 септември 2008 пишува дека, македонскиот преговарач за името, на амбасадорот му ги прераскажал координативните состаноци меѓу Црвенковски и Груевски, на кои според Димитров, двајцата едвај зборувале меѓу себе и дека имале фундаментално различни пристапи.

Двајцата лидери ескалираа со реториката во медиумите, Црвенковски го обвинува Груевски дека не пристапува сериозно и одговорно во насока на напредок на преговорите, додека пак Груевски одговара дека претседателот всушност намерно создава контроверзии за да си го подобри политичкиот рејтинг бидејќи му се ближи крајот на мандатот и се подготвува за враќање во СДСМ – пишува во документот на Викиликс.

Во депешата што Рикер ја испраќа до ЦИА, Стејт Департментот и другите американски институции подвлекува информација која што Димитров му ја кажал во строга доверба, а тоа е дека Милошоски одбил да има одвоена средба со Нимиц, откако Црвенковски го отстранил од состанокот со посредникот на Обединетите нации.

Димитров го информирал Рикер и за поединечните ставови на Црвенковски и Груевски во однос на процесот на преговори со Грција.

Според Викиликс, преговарачот пред амбасадорот зборувал дека Црвенковски не верувал во сигурна иднина за Македонија без да стане членка на ЕУ и НАТО и притискал Владата да направи договор за името. За Груевски пак рекол дека помалку важни му биле интеграциите во ЕУ и НАТО, а поважно му било да не биде македонскиот лидер кој го загубил уставното име и идентитет.

Во депешите Рикер знаел дека Димитров е поблизок до Црвенковски, а поради несогласувањата со Груевски во претходните месеци, на средбите со Нимиц редовно бил придружуван од шефот на кабинет на премиерот. Амбасадорот забележува дека личните политички амбиции и непријателско однесување меѓу политичките чинители во процесот не треба да се потценат воопшто, во фаза во која Нимиц се подготвува да презентира „земи или остави“ предлог пред Атина и Скопје.