Социјалните мрежи викендов се преплавени со честитки и благодарности до докторката Аспазија Софијанова – Цули од Детската клиника и нејзиниот тим оти во петокот со, како што велат, натчовечки напори, во последен момент успеале да испратат двегодишно дете на операција во Турција, пишува Макфакс.
Софијанова за „Макфакс“ објасни дека девојчето со неспецифична ретка болест блиска до леукемија, било пациент на Универзитетската клиника за детски болести од мај годинава. Било сместено на онколошкиот оддел, а последниве денови пред да замине, по влошувањето на состојбата, било симнато на одделот за интензивна нега. Тука му ја следеле состојбата додека траеле преговорите за операција на коскената срцевина. Успеале да најдат соодветен донор на клиника во Турција, а итноста ја забележала Софијанова, која во петокот попладне на дежурство забележала дека се бројат часови до моментот кога ќе стане неопходно детето да биде ставено на апарати оти му се влошувало дишењето.
Тоа беше моментот кога морав да алармирам дека детето веднаш треба да се пренесе на клиниката во Турција, каде што веќе е договорена операцијата. Ако го ставевме на апарати, тоа дополнително ќе го отежнеше транспортот и можеше да ја комплицира операцијата. Успеавме заедно со тимот за само неколку часа да најдеме авион што функционира како мини интензивна нега, да го организираме превозот од клиниката до аеродромот, а наидовме и на голема соработка од вработените на аеродромот, кои многу помогнаа детето и мајката да ги поминат административните процедури по скратена постапка. Медицинската екипа од Турција го прифати детето, а им го предадовме јас и една дежурна сестра од Детската клиника, вели докторката Софијанова.