Ракометната репрезентација на Македонија ќе игра на Светското првенство (СП) кое ќе се игра во Египет, откако селекцијата на Чешка се откажа од светскиот ракометен собир, поради здравствени проблеми.
Голем број на чешки ракометари беа заразени со ковид-19, па националниот тим реши да не патува во изменет состав за Египет, па така, Македонија како прва „резерва“ го доби нејзиното место.
Нашиот национален тим така го продолжи континуитетот на големите настани. Македонија за СП имаше подготовка и две пријателски средби со Чиле во Скопје. Ракометарите се очекува да заминат за Египет во наредните два дена.
Македонија ќе биде во групата Г заедно со Шведска, Египет и Чиле. Најдобрите три селекции во секоја група одат во наредната фаза.
За нашата ракометна селекција ова ќе биде седмо учетсво на светската сцена. Првиот беше во 1999 година токму во Египет, а потоа следеа СП 2009 во Хрватска, СП 2013 во Шпанија, СП 2015 во Катар, СП 2017 во Франција и СП 2019 во Данска и Германија.