Хроника 07. ноември 2018. / 13:06

Зголемена казната за гинекологот кој 9 месеци лажеше пациентка дека е бремена – 2 години затвор и забрана за работа од 8 години

Зголемена казната за гинекологот кој 9 месеци лажеше пациентка дека е бремена – 2 години затвор и забрана за работа од 8 години

Апелациониот суд Скопје ја потврди пресудата на Основниот суд Скопје 1 и донесе построга казна од 2 години затвор за гинекологот Николче Дамчевски, а изречена му е и забрана за вршење дејност во траење од 8 години, дознава Либертас. Претходно тој беше осуден на 1 и пол година затвор.

Според пресудата, тој е виновен за тешки дела против здравјето на луѓето и фалсификување исправа.

Дамчевски може да поднесе вонреде правен лек до Врховниот суд, но пресудата сега е извршна и може да се извршува во делот на издржување на казната затвор.

Дамчевски пред Основниот суд Скопје 1 ја призна вината.

Дамчевски во периодот од месец септември 2015 до април 2016 година презентирал состојба на лажна симулирана бременост на пациентка врз која претходно спровел биолошки потпомогнато оплодување.

Според обвинението тој, иако знаел дека оштетената не е бремена, вршел редовни контролни гинеколошки прегледи со ехо апарат, презентирал лажни ехо снимки на кои се гледа плод, презентирал лажна срцева акција на плодот, мерел должина и тежина на плодот, го утврдил полот на плодот, вербално на секој преглед детално ја објаснувал секоја наводна снимка од плодот, правел и скрининзи со писмени извештаи во кои е наведено дека на ехото се гледа плод во различна гестациска недела, а потоа договорил и термин за пораѓање.

Непосредно пред денот за кога било договорено наводното пораѓање на пациентката најпрвин на сопругот на оштетената, а потоа и на оштетената ја открил вистината за лажната бременост.