Запалено е возило на македонскиот конзулат во Грција, кое било паркирано во центарот на Солун. Грчката полиција вели дека била фрлен запаллив материјал, и дека е оштетен задниот дел од возилото. Настанот се уште се истражува, а се случил во 5 и 30 утрово, додека пак од МВР велат дека случајот нема да влијае на добрососедските односи.
Од македонското Министерство за надворешни велат дека вандалскиот акт во Солун нема да влијае врз добрососедските односи меѓу двете земји. Македонскиот Конзулат е известен дека грчките власти направиле увид, и дека ги преземаат сите мерки и активности за пронаоѓање на сторителите и евентуалните мотиви на овој настан.
Од МНР велат дека покрај возилото на македонскиот дипломат, во истиот период, запалено било и второ возило на различно место во градот. Двата случаи се предмет на истрага, за да се откријат извршителите и мотивите, кои веруваме дека на ниту еден начин не се насочени против нашата држава, велат од МНР.
Министерството за надворешни работи информира дека е во редовна комуникација со Генералниот конзулат на земјава во Солун и со надлежните институции на Грција.
– Нашиот Конзулат е известен дека грчките власти направиле соодветен увид и ги преземаат сите потребни мерки и активности за пронаоѓање на сторителите и евентуалните мотиви на овој немил случај, како и дека покрај возилото на нашиот дипломат, во истиот период, било запалено и второ возило на различно место во градот, се додава во соопштението на МНР.
Министерството нагласува дека двата случаја се предмет на истрага, со цел да се откријат извршителите и мотивите, за кои оценува дека на ниту еден начин не се насочени против нашата држава.
– Исто така, веруваме дека овој вандалски акт на ниту еден начин нема да влијание врз одличните добрососедските односи меѓу двете пријателски земји, се потенцира во соопштението.