Хроника 14. февруари 2019. / 09:29

Трагедијата кај Карпалак го погоди регионот: Соседните држави изразуваат сочувство за несреќата

Трагедијата кај Карпалак го погоди регионот: Соседните држави изразуваат сочувство за несреќата

По сообраќајна несреќа што се случи на патот Скопје-Тетово, кај Карпалак, во која загинаа 14 лица, а голем број се повредени, сочувство изразија албанскиот премиер Еди Рама, бугарскиот премиер Бојко Борисов, како и грчкото МНР.

Рама изрази длабоко сочувство до семејствата на загинатите и на повредените им посака брзо закрепнување.

– Жалам за трагедијата на автобусот во соседната земја Северна Македонија, каде што бројот на жртви и повредени шокираа и вознемирија толку многу семејства. Ние духовно сме покрај сите семејства и целата пријателска земја. – напиша Рама.

Бугарскиот премиер Бојко Борисов на Фејсбук изрази длабоко жалење за несреќата која се случи на патот Скопје – Тетово и упати сочувство до семејствата на загинатите патници и желби за побрзо оздравување на повредените.

Длабоко жалење, како и сочувство и солидарност до граѓаните и владата, изрази и Министерството за надворешни работи на Грција.

– Длабоко жалиме за трагичната сообраќајна несреќа на автопатот Скопје- Тетово. Нашите мисли се со семејствата на жртвите и нивните најблиски. Изразуваме искрено сочувство и солидарност со граѓаните и владата на Северна Македонија. – напишаа од грчкото МНР на нивниот официјален Твитер профил.