Прилепското обвинителство отвори истрага против четири лица за кривично дело насилство. Тие се осомничени дека претепале двајца нивни сограѓани, од кои едниот е во кома.
-Лицата се осомничени дека во саботата во Прилеп, во присуство на голем број граѓани, ја загрозиле сигурноста и нанеле тешки телесни повреди на двајца оштетени. По претходна вербална расправија помеѓу оштетените и еден од осомничените, тој телефонски ги повикал останатите осомничени и со патничко моторно возило марка ‘лада’ започнале да ги бараат оштетените низ градот. Откако ги пронашле, се симнале од возилото и се упатиле кон оштетените. Тројца од осомничените во рацете држеле дрва со должина од еден метар, додека еден во рацете имал нож со должина од 30 сантиметри- соопшти Обвинителството.
Сите четворица започнале да ги удираат жртвите по главата и телото, притоа на едниот од нив му нанеле животно загрозувачки повреди како последица на кои тој е неконтактибилен и се одржува во живот со помош на апарати, додека на второто нападнато лице му нанеле телесни повреди изразени со набиеници по главата и телото. Со ваквите дејства, велат од Обвинителството, осомничените во јавноста предизвикале чувство на несигурност, загрозување и страв.
Надлежниот обвинител проценил дека за тројца од осомничените постои опасност од бегство, како и основан страв дека ќе ја попречуваат кривичната постапка и ќе влијаат врз сведоците. Поради тоа, до Основниот суд Прилеп е доставен и предлог за определување мерка притвор за овие лица.