Во болницата во Лесковац се хоспитализирани 8, а во болницата во Ниш 6 патници од македонскиот автобус кој излета и се преврте од патот. Вчера кон повредените веднаш се упатија генералниот секретар на Владата Драги Рашковски и министерот за здравство Венко Филипче.
– Во болницата во Ниш се хоспитализирани шест македонски граѓани од сообраќајната несреќа што се случи кај Лесковац. Тие се со сериозни повреди, но се стабилни. Двајца од нив се на машини за дишење, од кои едниот со повреди на главата, а другиот со повреди на вратниот р’бет. Ноќва ќе им се следи состојбата на сите што се овде хоспитализирани, а потоа ќе се направи проценка дали ќе бидат оперирани во Србија, или ќе ги вратиме во Скопје и кај нас ќе ги оперираме. – вели Филипче, пренесе СДК.МК.
Повредените кои се во болницата во Лесковац, според министерот се со полесни повреди, но ќе останат таму за да им се следи состојбата, и за ден два ќе се вратат во Скопје.
За жал во несреќата починаа еден маж и две жени.