Владата донесе одлука со која ги иззема земјоделците од забраната за движење за време на викенд деновите во сабота и недела од 16:00 часот до 05:00 часот, заради интензивирање на сезоната на земјоделски работи, особено во градинарските култури.
Владата ги задолжи министерствата за земјоделие и информатичко општество и администрација да издава дозволи на земјоделците, фармерите, сточарите и други земјоделски работници кои преку подрачните единици на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе се пријават за добивање на дозволи за движење.
На 29. седница Владата донесе Одлука за дополнување на Одлуката за укинување на увозната давачка – царинската стапка за потрошен медицински материјал, и за лекот „хлорокин“ (chloroquine).
Министерот за образование и наука Арбер Адеми на седницата информираше за поставувањето на Националната платформа за е-настава која од денеска ќе се користи во образовниот процес за време на вонредната состојба, и дека се работи на решение за учениците кои немаат пристап до интернет.