Економија 20. ноември 2018. / 18:40

Заев: Покачувањето на платите во администрацијата е дел од реформите

Заев: Покачувањето на платите во администрацијата е дел од реформите

Во Владата се одржа четвртата седница на Советот за реформа во јавната администрација со која претседаваше премиерот Зоран Заев.

Во рамки на седницата, тој зборуваше за процесот за реформа на јавната администрација, истакнувајќи дека и предвиденото покачување на платите на вработените во јавната администрација, е дел од тие реформи.

-Потребен е јасен фокус за тоа во кој правец се движи реформата, што е целта, односно што ќе се случува во јавната администрација во наредниот период, а од особена важност е граѓаните да бидат запознаени со сите детали од овој процес. Реформите во администрацијата мора да се спроведуваат на храбар и достоинствен начин, со цел да имаме продуктивна и поефикасна јавна администрација за сите граѓани, истакна премиерот Заев.

Во рамки на Советот, директорот на Националниот демократски институт Крис Хеншоу и претставници на институтот ја презентираа публикацијата „Предизвици и препораки за подобрување на законодавниот процес“. Во презентацијата беа опфатени препораките во делот на јакнење на капацитетите за пишување на закони во институциите, подобрување на координацијата помеѓу Владата и Собранието, потребата од усогласување на законите со европската легислатива, како и намалување на бројот на законски измени.

Публикацијата ќе биде претставена и на владина седница, каде после усвојување, ќе следува и имплементација на насоките адресирани во документот.

На седницата на Советот се обрати и министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, кој го претстави првиот полугодишен извештај за спроведување на Стратегијата за реформа на јавната администрација.

-Процесот на реформа е отворен процес, а со тоа за потребите на следењето, оценувањето и известувањето за Стратегијата се овозможува учество и на надворешни засегнати страни. На денешниот совет претходеше јавна дискусија со претставници од граѓанскиот сектор и сите засегнати страни. Извештајот покажува дека 27 активности се целосно спроведени, на 36 активности спроведувањето е во тек, а за останатите 9 активности се доцни со имплементација, информираше министерот Манчевски.

Како што најави министерот Манчевски, во наредниот период ќе се зголеми динамиката на спроведување на активностите, а годишниот извештај ќе содржи конкретни резултати.

На седницата на Советот беше усвоен полугодишниот извештај, а беше донесен заклучок истиот да се презентира и на седница на Влада.