Економија 07. септември 2018. / 10:31

ВМРО-ДПМНЕ: Нема реален напредок на економијата

ВМРО-ДПМНЕ: Нема реален напредок на економијата

Економијата повеќе од 15 месеци тоне. Нема реален напредок, а граѓаните се се посиромашни. Единствена светла точка се странските инвестиции, кои дојдоа во државата и отворија голем број на работни места благодарение на добрите политики на ВМРО-ДПМНЕ.

Странските инвестиции се моторот на економијата и фактор кој продуцира додадена вредност. Сите други сектори тонат поради неодговорните политики на власта, се вели во соопштението од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Власта го гуши реалниот сектор, наместо поддршка за домашните компании кои произведуваат и се извозно ориентирани гледаме како владата преку Фондот за иновации дели грантови на партиски функционери, дели милионски тендери на ново формирани фирми и дава лиценци за спроведување возачки испити на фирми без ден работни искуство во областа.

Компаниите се понижени и немаат простор за работа, а граѓаните се соочуваат со реално намален стандард. Стоките и услугите се поскапи, а платите не само што не се зголемуваат туку и се намалуваат.

Градежништвото е во застој, а процентот на реализација на капитални инвестиции од почетокот на годината заклучно со месец јули изнесува само 21.33%, што е историско најниско ниво и е показател на целосна неспособност на извршната власт.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека Република Македонија во изминативе 15 месеци доживува само порази. Оваа агонија не смее да продолжи. СДСМ мора да си замине. Државата мора да тргне напред.