Премиерот Зоран Заев очекува бледнеење на економската криза од ковид пандемијата во првата половина на годината, а вистински резултати од преземените мерки и активности за нејзина поддршка во втората половина со многу видливи проценти на раст на економијата.
Во коментар на јануарскиот преглед на Меѓународниот монетарен фонд во кој се наведува дека кризата ќе почне да бледнее во првата половина 2021, а потенцијалот за раст ќе се зголеми во втората половина Заев денеска одговарајќи на новинарско прашање на МИА изјави дека ги имаме истите очекувања и кај нас, како и дека голем фокус на работењето е економијата.
–Работиме заедно со економските тимови не само за мерките, имаме по три, четири состаноци неделно, еден дел за стратешките инвестици во државата, другиот дел за економскиот совет во државата затоа што голем фокус на работењето е економијата. Можам да кажам дека овие очекувања коишто ги кажавте се истите очекувања и кај нас, не се разликуваме од никој заради тоа што сме отворена економија, сме поврзани со светот. Бледнеењето го очекуваме во првата половина, но вистинските резултати ги очекуваме во втората половина, рече премиерот на прес-конференцијата на која беше презентиран петтиот пакет мерки за поддршка на економијата и граѓаните.
БДП, како што рече, очекуваме видливо да расте во вториот квартал иако заради што трендовите, гледате како беа од втор квартал, трет квартал, четвртал квартал. Сега првиот квартал од оваа година очекуваме исто така да имаме позитивни ефекти, но видливи ќе бидат во вториот квартал. Дефинитивно излез на економијата, раст очекуваме во второто полугодие со многу видливи проценти. Тоа е истоветно со тоа што регионот Европа и светот го очекува, така и во Република С. Македонија, наведе Заев.
Петтиот пакет за помош тежи вкупно 9,7 милијарди денари или 160 милиони евра и содржи 29 мерки.