Економија 15. March 2019. / 18:30

Николоски открива: Странските инвестиции кои ги прикажува Владата се всушност реинвестирана добивка на постојните!

Николоски открива: Странските инвестиции кои ги прикажува Владата се всушност реинвестирана добивка на постојните!

Владата неодамна се пофали дека минатата година странските инвестиции изнесувале рекордни 624 милиони евра. Сепак потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Александар Николоски во вчерашното гостување на МРТ, откри што всушност се крие позади таа бројка.

Реалноста е во тоа дека Владата минатата година одлучи да го зголеми данокот, па така наместо 10 проценти, фирмите од почетокот на оваа година ќе требаше да плаќаат поголем данок. За да го избегнат ова, Николоски објасна дека инвеститорите одлучиле да си ги повлечат парите пред нова година, за да бидат помалку оданочени.

– Реалноста е дека Владата реши лани да го зголеми данокот. Зголемување на данок носи бегство на инвеститори и носи сива економија. Владата не кажува дали овие инвестиции се нови, гринфилд инвестиции, или се реинвестирана добивка. Во суштина се реинвестирана добивка затоа што компаниите, странски и домашни исто така, решија да си ги повлечат парите пред нова година, со цел да бидат оданочени со 10 проценти, а да не ги остават после тоа, а да не бидат оданочувани со 15 проценти, плус 10 проценти, значи 25 проценти, и се случи едно масовно повлекување на пари, кое што сметководствено Владата го води како инвестиции кои што се фиктивни. – објасни потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој посочи и неколку примери, каде Владата оваа реинвестирана добивка, ја кажуваат како висина на инвестиција.

– На пример според Владата најголем инвеститор минатата година е Велика Британија, а од Велика Британија има само една компанија во Република Македонија, која што инвестираше далеку пред оваа Влада, се вика Џонсон Мети. Џонсон Мети минатата година повлекол 113 милиони евра нераспределена добивка, а толку се водат инвестициите наводни кои што ги имаме минатата година. Од Германија имаме шест компании кои што имаат инвестирано, сите пред оваа Влада. Вкупно имаат повлечено 38 милиони евра, толку е висината на инвестиции која што се води, која што најчесто им е реинвестирана добивка или согласно инвестициони планови кои што ги дале во време на претходната Влада. – кажа Николоски.

Тој го постави и прашањето до граѓаните, дали гледаат, барем две директни инвестиции, кои што се започнати во време на СДСМ.