Економија 22. октомври 2018. / 13:52

Каевски за „Лидер”: Преземаме мерки и активности за подобрување на младинскиот стандард

Каевски за „Лидер”: Преземаме мерки и активности за подобрување на младинскиот стандард

Економски Лидер ја отвори дебатата за ребалансот на буџетот, од кој најмногу, се чини, настрадаа младите. Министерството за финансии ги скрати средствата наменети за изградба и реновирање на студентски и ученички домови, училишта и спортски објекти.

По ова прашање побаравме став и од директорот на Агенцијата за млади и спорт Дарко Каевски, кој е и актуелен претседател на СДММ.

Ние како Влада на Република Македонија интезивно работиме на подобрување на уловите и стандардот на сите млади.

Во однос на наредната година предвидени се 70 милиони денари за санација и реконструкција на студентските домови, започнат е пилот проектот младинска гаранција во Скопје, Струмица и Гостивар, а во 2019 година ќе се спроведува во цела Република Македонија.

Во 2018 година само преку овој проект се вработени преку 1500 луѓе, а во наредната 2019 година очекуваме да се зголеми за четири пати бројката на вработени млади.

Агенцијата за млади и спорт со НВО, заедно со младинскиот клуб на пратеници се во фаза на креирање закон за млади кон крајот на 2018 година со кој ќе презентираме младинска картичка која има за цел да нуди поволности и попусти на младите во нивното секојдневно функционирање, и ред други мерки и активности кој ќе го подобруваат младинскиот стандард.

Како Влада на Република Македонија силно се обврзавме дека младите ќе бидат фокус сега и приоритет во сите активности кои ќе ги преземеме во иднина – вели директорот на Агенцијата за млади и спорт, Каевски, во изјава за Лидер.

Инаку според новиот ребаланс крати цели 170 милиони денари за изградба и реконструкција на студентските и ученичките домови. Се кратат и 48 милиони денари за превод на книги од реномирани автори, а дури 87 милиони за изградба и реконструкција на основни училишта. Владата крати и 30 милиони денари, наменети за изградба на училишни спортски сали, 43 се одбиваат од контото за изградба и реконструкција на средни училишта и 50 милиони денари за спортски објекти.