Економија 07. декември 2020. / 17:55

И струмичките тутунари на протест: Откупните цени се многу ниски, не може да се опстане

И струмичките тутунари на протест: Откупните цени се многу ниски, не може да се опстане

Незадоволни од откупните цени и проценката на тутунот денеска тутунари од селата Радичево и Ново Село со мирен протест пред откупни пунктови побараа повисоки откупни цени и укинување на четвртата класа.

Велат дека откупните цени на почетокот се многу ниски и се неисплатливи за нив.

Оваа година тутунот е нереално проценет. Просечнaта цена му доаѓа околу 120-150 денари за килограм. Таа цена е многу ниска и за еден тутонопроизводител, што живее само од тутунот, не може да опстане, рекоа тутонопроизводителите на откупен пункт во селото Радичево.

Тие ги повикаа сите здруженија кои го застапуваат да се изјаснат дали се на страна на тутунарите или на откупувачите.

Побараа од Владата да преземе мерки и да се надмине оваа состојба. Во спротивно се заканија дека секојдневно ќе продолжат со протестите.

Во петокот министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Арјанит Хоџа, по средбата со тутунопроизводителите и откупувачите, рече дека се размислува за укинување на четвртата класа.

Тој најави дека ќе се разгледуваат правните можности за укинување на оваа класа и доколку се донесе таква одлука, тогаш и просечната откупна цена ќе се зголеми и ќе се задоволат барањата на производителите на тутун.