Економија 21. април 2018. / 19:30

(ФОТО) Заев и Николовски ги извисиле земјоделците од Струмица – се најавиле дека ќе дојдат, ама не дошле

(ФОТО) Заев и Николовски ги извисиле земјоделците од Струмица – се најавиле дека ќе дојдат, ама не дошле

Премиерот Зоран Заев, министерот за Земјоделие Љупчо Николовски и градоначалникот на Струмица Коста Јаневски и покрај тоа што биле најавени, не се појавиле на денешната конференција на земјоделски задруги која се одржа во Струмица – се жалат на Лидер земјоделци кои присуствувале на настанот.

Земјоделците велат дека тие отишле на конференцијата со цел да поразговараат со Заев, Николоски и Јаневски за откупните цени на зелката кои годинава според нив се под секое ниво.

-Сакавме да најдеме решение за зелката која скапува, се продава и за цена од 6 или 8 денари за килограм. Овој проблем целосно ќе го уништи градинарството во Струмица, мора да се најде решение. Чекавме неколку часа, но тие не дојдоа и покрај тоа што беа најавени дека ќе говорат и ќе одвојат време за нас. Чим не најдоа време, моравме сите организирано да си заминеме. – велат разочараните земјоделци.

Тие до редакцијата на Лидер доставија и агенда од настанот, која на сите присутни на конференцијата им била поделена утринава. Во неа стои дека ќе се обратат Претседателот на Владата, министерот за Земјоделие и градоначалникот на Струмица.

Освен земјоделците, Заев и Николоски ги извисиле и претставниците на Задружни сојузи од Србија, Војводина, Босна и Херцеговина, Хрватска, Словенија и Полска, кои исто така присуствуваат на настанот.

Наместо мнистерот Николовски, кој како што е прикажано на фотографијата бил најавен за настанот, присуствувал извесен Трајан Димковски кој бил претставник на Министерството за земјоделие. Присутна била и Ленче Николовска, која е советник на премиерот Заев за земјоделие.