Економија

Економскиот раст годинава сепак ќе биде 1,6% или половина од очекуваното

Економскиот раст годинава сепак ќе биде 1,6% или половина од очекуваното

Меѓународниот монетарен фонд е се помалку оптимист за македонската економија. Ако првично за годинава ни прогнозираше раст од 3,2 отсто, а во јуни ги намали очекувањата на 2,8 проценти, сега Фондот излегува со преполовена стапка, или раст од само 1,6 отсто за оваа година.

Според есенскиот извештај на ММФ, ние сме на дното според растот, од земјите во регионот годинава најдобри ќе бидат Албанија, Србија и Косово, со по 4%. Очекувани и нормални се намалените прогнози, сметаат експертите, пред се заради сегашната мини политичка криза, која може да се изроди во вистинска, но и заради неоставерните капитални инвестиции, кои ќе ја забавеа економијата дури и да не се случеше политичката неизвесност.

„Клучно е што во вакви ситуации се менуваат очекувањата на инвеститорите, економските субјекти – фактор кој е круцијален за дефинтивното профилирање на стапката на економски раст, бидејќи ако нашите претпријатија и странските инвеститори очекуваат полоши времиња и политички тензии, тогаш едноставно луѓето не инвестираат. Ако дојде до политички избори, целата енергија, труд и напор, ќе се сврти кон изборите. За жал, кога има избори, луѓето малку размислуваат за бизнис, се воздржуваат и домашните и странските инвеститори“, вели академик Таки Фити.

Ако има избори и се комплицираат состојбите, предупредува академик Фити, треба да бидеме задоволни дури и ако стигнеме до стапката од 1,6 отсто. Песимизмот и неизвеснота се најголем непријател на економијата. Затоа е многу подобро да се најде заеднички јазик и уставните измени да поминат во Собранието, земјава да се насочи кон евроинтеграциите, а тоа е клучно за повисок раст.

„Мислам дека ќе биде подобро проблемот да се надмине во Собранието, да се избегне политичката криза и дополнителните тензии и трошоци околу оваа работа. Ако тоа се направи веднаш се менуваат очекувањата, нашето приближување кон НАТО ќе доведе до голем прилив на странски инвестиции“, вели академик Фити.

Според него, Владата треба да внимава и на јавниот долг, ниво од над 50 отсто од БДП е неодржливо за земјава.

Премиерот Зоран Заев, пак, е оптимист, вели, немаме никакви практични причини да се откажеме од проекциите за раст од 3,2 отсто за оваа година, , затоа што имаме раст во вториот квартал, а очекуваме и во третиот.

„Меѓународните институции, кога се јавуваат ретроградни процеси, како сега дали ќе се гласа или не, се песимистички ориентирани во своите коментари. Кога целото општество би било заеднички сплотено и давало оптимизам, тогаш и тие би давале оптимистички пораки. Така што остануваме на проекциите од 3,2 проценти раст“, вели премиерот Заев.