Заменикот на претседателот на Владата задолжен за економски прашања Кочо Анѓушев, Федералниот министер за економија и енергетика на Германија, Петер Алтмајер, Министерката за претриемништво и технологија на Република Полска, Јудвига Емилевич и Заменичката министерка за економија на Република Бугарија, Лилја Иванова, во рамките на Самитот за Западен Балкан, одржаа прес конференција на која обзнанија дека наредниот Самит ќе биде во заедничка организација на Република Бугарија и Република Северна Македонија.
Сумирајќи ги дискусиите кои се водеа за време на состанокот за Регионалната економска област, како дел од Самитот, вицепремиерот упати благодарност до Германија за иницијативата за „Берлинскиот процес“, како и до Владата на Полска за организација на Самитот за Западен Балкан, преку кои ЕУ активно работи на поддршка на земјите од регионот за побрз и одржлив економски развој.
Анѓушев нагласи дека преку решавање на долгогодишни проблеми со Бугарија и Грција, но и преку активности со кои се унапредува соработката и со останатите соседни држави, Владата на Македонија покажа посветеност на „Берлинскиот процес“, а тоа доведе до унапредување на економската соработка и раст на трговската размена со некои од соседните држави над 10 процентни поени.
Вицепремиерот нагласи дека треба да се отстранат административните пречки и бариери кои постојат помеѓу земјите.
– Ќе бидеме посветени на тоа да ги одржиме стапките на раст на трговската размена со соседните држави, сепак треба да бидеме искрени и да кажеме дека има уште многу нешта да се одработат. Во моментов во Република Северна Македонија имаме над 1 милијарда евра проекти во патната инфраструктура, но сметам дека не е доволно да се реализираат само инфраструктурните проекти; со инвестиција од 500 милиони евра ќе изградиме модерен автопат и ќе го намалиме времето на транзит за 20-ина минути, а потоа камионите со производи да стојат 3, 4 или 5 часа на граничните премини. Тука нема никаква економска оправданост и затоа покрај инфраструктурните вложувања, треба да работиме на отстранување на административните пречки и бариери кои постојат меѓу земјите, нешто што може да се направи брзо и ефикасно, многу побрзо отколку што трае процесот на изградба на инфраструктурата. Потребно е Владите да прават похрабри и поодлучни чекори, потребно е да ја вратиме довербата во регионот. Да се направи стандардизирање и признавање на сертификатите издадени во земјите во регионот, да се намалуваат или укинат царините во регионот и да се овозможи брз проток на луѓе и производи. – нагласи Анѓушев.
На новинарско прашање дали Берлинскиот процес е некој вид на замена за челнството на земјите од Западен Балкан во ЕУ, вицепремиерот Анѓушев појасни дека со овој процес се помага подобрувањето на меѓусебната економска соработка помеѓу земјите, како и дека истиот помага за исполнување на критериумитеза членство во ЕУ.