“Доколку не се појават нови избори, кои што реално би ја забавиле економијата, да, остануваме на проекциите од 2,5% раст за оваа година. Се надевам дека Парламентот ќе најде сила да го реши проблемот што претстои пред нас”, изјави Кочо Анѓушев, вицепремиер задолжен за економски прашања. Тој тврди дека изборите сепак создаваат неизвесност, без која економскиот раст сигуно би достигнал 3,2%.
Во врска со слабата реализација на капиталните инвестиции, кои што важат за клучни двигатели на растот, вицепремиерот објаснува дека причина за тоа не е застојот во изградбата на автопатиштата.
“Она што е предвидено во буџетот за капитални инвестиции, тоа не се големите патишта. Во буџетот се предвидени капитални инвестиции во ресорните министерства за одредени градежни работи, но и за купување опрема и машини. Во таа смисла, патиштата, или најголемите пари во државата за инфраструктура не се во буџетот”, објаснува вицепремиерот Анѓушев.
Во извештајот за Македонија, Светска банка советува во иднина да се зајакне управувањето со јавните инвестиции. Според нив, едно тримесечје е недоволно за значајно да се зголеми процентот на искористеност на капиталните инвестиции.