И покрај тоа што во зимскиот период Охрид се соочуваше со повремени отстапки во квалитетот со водата за пиење, од Центарот за јавно здравје информираат дека квалитетот на водата во туристичкиот центар е одличен, како од Билјанини извори, така и од градските чешми и руралните средини. Квалитетна е водата и во Охридското езеро и покрај лошата функционалност на колекторскиот систем
„Квалитетот на водата е со прва и втора класа, дури и реките кои се влеваат во Охридското езеро, тоа се реките Косеска, Сатеска и Велгошка река покажуваат квалитет втора класа, што значи дека не го оптеретуваат реципиентот на езерото“ – изјави Сашо Точков од Центарот за јавно здравје-Охрид.
Сепак екологистите велат дека и понатаму мора будно да се следи состојбата со реките кои периодот наназад се главните загадувачи. Потенцираат и на обновување на дотраениот колектор и пречистителните станици.
„Најголеми причинители на влошениот квалитет на водата се или колекторскиот систем или притоките на езерото. Проблемот доаѓа и од институционална страна, но и страна на самите граѓани кои живеат по течението на реките. Приоритет број еден треба да биде решавање на проблемот со колекторскиот систем односно подобрување на работата на пумпните станици“ – изјави екологистот Ѓоко Зороски.
Температурата на водата во езерото според последните мерења е 17 степени, но бистрината и топлото време веќе примами голем број капачи.