Живот

Протест во Битола за итни мерки против загадениот воздух

Протест во Битола за итни мерки против загадениот воздух

Во Битола денес се одржа протест против енормното загадување на градот подржан од многубројни невладини организации на кои им се приклучија и граѓаните на Битола. Протестот се одржа пред просториите на општина Битола каде пред насобраните се обратија дел од граѓананите и активистите кои го искажаа својот револт од политиките на централната и локалната власт и испратија пораки до одговорните со цел конечно решавање на проблемот.

Активистите притоа посочија дека биле оквалификувани како партиски војници од оние кои до вчера протестираа и заедно ги искажувале своите незадоволства кога биле во опозиција.

– Нивото на ПМ честитичките во Битола секој ден е над дозволеното. Денес бевме обвинети за лицемерие и политички поени. Лицемерие е да наречеш протест и тоа да биде од луѓето кои претходно на истиот начин кога биле во опозиција ги искажувале своите незадоволства од тоа што и се случува на Битола со аерозагадувањето. Нашиот денешен протест е само доказ дека Битола не мрдната од мртвата точка во врска со овој проблем. Болестите немаат политичка боја. Болестите немаат партиска припадност и можат да го зафатат секој и секој има право да диши чист воздух, рече една од активистите.

Друг активист на излагањето пред насобраните кажа дека ова е порака до централната власт и до пратениците кои се од Битола дека доста е со лажни ветувања и време е да се превземе нешто.

– Денес сме собрани овде сме собрани да и кажеме на централната власт и да покажеме дека не треба вака да живееме. Доста е со празни ветувања и доста го трпевме лошото. Мислевме дека со промена на власта со нивните ветувања дека нема потреба да излегуваме на протести. Ја повикуваме Владата на Република Македонија нашите пратенити од Битола кои забораваат од кој град се дојдени да ги послушаат нашите барања и да превземат нешто за Битола, рече еден од граѓанските активисти.

Имено Битола е еден од најзагадените градови во Европа. Само пред неколку дена од мерната станица „Битола 1“ беа измерени поразителни резултати на ПМ 10 честички, од 527 микрограми на м³, кои се речиси 11 пати поголеми од максимално дозволените. Барањата на активистите и сите оние кои се залагаат за здрава животна средина се субвенционирање на електричната енергија до спроведување на гасификацијата и спроведување на режим на сообраќај во централното градско подрачје во Градот.