Живот 21. ноември 2018. / 21:50

Припадници на изолирано племе убија Американец со стрели

Припадници на изолирано племе убија Американец со стрели

Припадници на изолирано племе на Андаманските Острови во Индија убија Американец кого рибари нелегално го однеле до островот каде што живеат.

Тие го погодиле со стрели и го оставиле неговото тело на плажата.

Човекот е идентификуван како 27-годишниот Џон Ален Чау од Алабама, САД.

Нелегално е да се стапува во каков било контакт со изолираните и загрозени андамански племиња бидејќи се ризикува да се заразат нивните припадници со болести од модерниот свет.

Се проценува дека на островот живеат околу 50 до 150 припадници на племето Сентинелези кои се отсечени од цивилизацијата по нивна волја.

Седум рибари се уапсени бидејќи нелегално го однеле Американцот на островот со чамец, рече полицијата.

Локалните медиуми објавија дека Чау најверојатно сакал да се сретне со припадници на племето и да им проповеда христијанство.

На социјалните мрежи, младиот човек се претставувал како ентузијаст за патување и авантури.

Ова наводно не била првата посета на Чау на островот. Тој бил таму четири-пет пати претходно, откако ги подмитил локалните рибари кои добро знаат дека секаков контакт со племињата е строго забранет.

Во 2017 година индиската влада го прогласи за нелегално и фотографирањето и снимањето на домородните племиња на Андаманските Острови и законот предвидува казна затвор до три години за кршење на овие правила.

Рибарите кои го однеле Чау на островот рекле дека откако бил погоден со стрели, Американецот продложил да оди по плажата. Потоа домородците му врзале јаже околу вратот и го влечеле, но се исплашиле и побегнале, оставајќи го неговото тело на плажата.

Телото на Чау уште не е земено од островот.

Ова е тежок случај за полицијата која не смее да се доближи до островот, а не смее ни да ги уапси домородците.