Кавадарци, 12 април 2018 (МИА) – Бегнишките џоломари се опремуваат со поддршка на Министерството за култура. Како што информираше денеска за МИА Орданчо Лазаров, претседател на Месната заедница Бегниште и на џоломарската група од селото, годинава добиле 100 илјади денари за набавка на клопотарци што е двојно повеќе од минатата година.
„Џоломарството, всушност, претставува традиционално маскирање на неколкумина мажи со кожувчиња, качулки, бради. Така преправени и со исцрнети лица со саѓи од огништата, се додаваат и клопотарци и стапови, за да изгледаат уште пострашно. Преку обредна игра и интензивно тропање со клопотарците, се создава силна врева. На тој начин се верува дека се бркаат лошите духови“, појаснува Лазаров.
Џоломарите од Бегниште, кавадаречко село кај Тиквешко Езеро, имаат повеќевековна традиција, а џоломарството се пренесува од постарите на помладите. Со паганска игра, џоломарите го бркаат злото и прават место за позитивната енергија. Настапуваат и на бројни карневали во земјава и странство, а на крајот од месецов ќе настапат во Варна, соседна Бугарија.