Живот 02. ноември 2018. / 14:15

Од 1-ви јануари работа во Германија само со виза

Од германската Амбасадата во Скопје денеска соопштија дека граѓаните на Република Македонија ќе можат да работат во Германија само со виза.

Информацијата уследи откако во дел од македонските медиуми се пласираше веста дека од 1 јануари идната година ќе стапи во сила нов закон според ко и на граѓаните од земјите што не се членки на ЕУ ќе им се овозможи да се вработат во некоја ЕУ-држава под истите услови како граѓаните на земјите-членки на ЕУ.

Од Германската амбасада потенцираат дека овие информации не се точни.

„На граѓаните на земјите што не се членки на ЕУ потребна им е како досега, така и по 1.1.2019 г., валидна работна виза во Германија. Барањето за виза може да се поднесе само во германската Амбасада во Скопје и само таму се издава визата“, велат од Амбасадата.

Амбасадата укажува уште еднаш на тоа дека таа не соработува со посредници или агенции. Преку нив не може да се добие ниту термин порано ниту пак да се забрза визната постапка. Таксата за виза изнесува по правило 75,- евра и се наплаќа во готово (исклучиво во ЕВРА) директно на шалтерот за виза кога се поднесува барање за виза. Други такси нема во Визното одделение. Добивањето на обрасците и на упатствата, како и закажувањето на терминот се бесплатни, соопштуваат од Амбасадата.