Осум од десет лица во шпанската престолнина ќе го добијат Ковид-19, вели претседателката на Регионот Мадрид, Изабел Дајаз Ајузо.
-Ќе имаат лесни симптоми, рече таа, но додаде дека „тоа ќе биде проблем“ за ранливата популација, која е околу 15% од луѓето. Овој вирус е подолго време во Шпанија и се шири кај речиси сите, а во најголем дел нема да остави трајни траги, изјави Ајузо.
Таа ја нарече болеста „смртоносна“ за стари лица со претходно постоечки здравствени проблеми и рече дека за 24 или 48 часа „може да стави крај на животот на лицето кое е во ранливата популациска група“.
-Како резултат на ова, регионот на Мадрид се обиде да „заштеди време“, да ја обедини здравствената заштита во јавниот и приватниот сектор и да ги претвори „нормалните кревети во легла за овој тип пациенти, додаде Дајаз Асујо.
Поради порастот на инфицирани луѓе од Ковид-19 во Шпанија на работа ќе бидат вратени пензионираните лекари и медицински сестри, а ќе се вработуваат и студентите по медицина, кои се последна година на факултет.
Во Шпанија вчера се регистрирани 4.360 новозаразени со новиот коронавирус, со што вкупната бројка изнесува 18.077 лица. Додека вчера починаа 66 пациенти со што бројката на смртни случаи се искачи на 833. Шпанија е втора европска држава по Италија со најголем број на заболени.
Шпанското Министерство за здравство најави дека ќе регрутира 50.000 нови здравствени работници.
Во Шпанија од неделата беше воведена вонредна состојба и околу 74 милиони Шпанци не смеат да излегуваат на улиците, освен за одење на работа, на болница, за купување на храна и лекови, а работат и аптеките и бензиските стаици.