Свет 25. мај 2020. / 18:52

(ВИДЕО) Земјотрес среде интервју: Премиерката на Нов Зеланд си продолжи како да нема ништо

(ВИДЕО) Земјотрес среде интервју: Премиерката на Нов Зеланд си продолжи како да нема ништо

Премиерката на Нов Зеланд, Џасинда Ардерн остана мирна за време на земјотрес што се случи додека таа даваше телевизиско интервју во живо.

Ардерн го прекина водителот на Њузхаб, Рајан Бриџ, за да му каже што се случува во парламентарниот комплекс во главниот град на земјата, Велингтон.

Имаме мал земјотрес овде, Рајан, всушност е прилично пристоен земјотрес. Дали гледате како работите се поместуваат зад мене – рече премиерката, разгледувајќи наоколу.

Земјотрес со јачина од 5,6 степени беше регистриран во океанот на околу 100 километри северо-источно од Велингтон и беше почувствуван од илјадници Новозеланѓани кои се подготвуваа да ја започнат работната недела.

Земјотресот беше доволно силен за да ги турне работите од полиците и да го запре движењето на возовите. Сепак, нема извештаи за поголеми штети или повредени.

Арден го продолжи интервјуто и му рече на водителот дека земјотресот запрел.

Добро сме, Рајан. Јас не сум под никакви висечки светла, изгледа дека сум на структурно добро место – рече Премиерката.