Свет 08. јануари 2021. / 08:33

(ВИДЕО) Трамп го призна поразот, најави мирна транзиција на власта

(ВИДЕО) Трамп го призна поразот, најави мирна транзиција на власта

Американскиот претседател Доналд Трамп објави видеопорака во која го призна поразот, повика на мирна транзиција, велејќи дека наскоро нова администрација ќе ја преземе власта.

Тој порача дека мора да се реформираат изборните закони за да се создаде доверба во сите идни изборни циклуси, но признава дека Конгресот ги потврдил изборните резултати и дека доаѓа нова администрација.

-На 20 јануари ќе биде инаугурирана нова администрација. Мојот фокус сега се насочува кон обезбедување непречена, уредна и беспрекорна транзиција на власта. Сега е потребно заздравување и помирување, вели Трамп.

Американскиот претседател го осуди и насилството во Капитол Хил и испрати порака дека оние кои се огрешиле скапо ќе платат.

-Америка е и мора секогаш да биде нација на закон и ред. До оние кои учествуваа во акти на насилство и уништување – вие не ја претставувате нашата земја. До оние кои го прекршија законот – ќе платите, порачува Трамп во видеото.

Видеото го објави Белата куќа на својот Јутјуб канал, како и Трамп на неговата сметка на Твитер.

Ова е негова прва објава на социјалната мрежа откако од Твитер соопштија дека ќе го блокираат во објавувањето на твитови за кои сметаат дека ги прекршуваат нивните политиките. Фејсбук и Инстаграм, пак, отидоа чекор понатаму откако првиот човек на компанијата, Марк Цукерберг, објави дека ќе го блокираат на неопределено време, барем до крајот на неговиот мандат (20 јануари) бидејќи сметаат дека е преголем ризик да му дозволат да ги користи нивните услуги.

Видеообраќањето на Трамп доаѓа и откако неговите соработници почнаа да го напуштаат поднесувајќи оставки, а се засили и притисокот за негово предвремено отстранување од функцијата.