Турските власти отвориле истрага откако во Измир е хакиран системот за повикување на молитва, па од минарињата на неколку џамии била пуштена италијанската антифашистичка песна „Бела чао“.
Антифашистичката химна е емитувана наместо повикот за молитва, кој се емитува пет пати во денот, а снимката е објавена и на социјалните мрежи.
Локалниот огранок на турската власт задолжен за верски прашања на Твитер го потврдил инцидентот и најавил отворање на истрага и пријава во полиција.
– „Бела чао“ е емитувана откако непознати лица го саботирале и хакирале системот за повик на молитви, се прецизира во соопштението.
Агенцијата Анадолија информира дека Обвинителството во Измир отворило истрага за инцидентот која ќе ги опфати корисниците на социјалните мрежи кои се осомничени за „негирање на верските вредности“.
Портаролот на владеачката партија Омер Челик на Твитер „остро го осудил“ инцидентот и навел дека сторителите ќе бидат откриени.
Инцидентот се случил во текот на Рамазан, муслиманскиот месец на пост и во моментот кога џамиите се затворени поради пандемијата на коронавирусот.