Свет 01. февруари 2020. / 07:28

Велика Британија ја напушти ЕУ

Велика Британија ја напушти ЕУ

Три ипол години по успешниот референдум за Брегзит, Велика Британија точно на полноќ ја напушти Европската Унија.

Со тоа официјално се стави крај на 47-годишното членство на земјата во Унијата и се исполни желбата на британските граѓани, кои на референдумот од 23 јуни 2016 година, со 51,9 отсто од гласовите го поддржаа Брегзитот.

Разделувањето со Унијата требаше да стапи на сила уште на 29 март минатата година, но британските пратеници неколку пати го отфрлаа договорот за повлекување што бившата премиерка Тереза Меј го постигна со Брисел. Затоа, пак, човекот што наследи Меј на функцијата Премиер, Борис Џонсон, успеа да добие поддршка за договорот дури откако освои мнозинство на вонредните парламентарни избори во декември.

Џонсон го поздрави овој чин обраќајќи се преку видео порака во која го опиша Брегзит како оживување на британската моќ за независна мисла и дејствување.

Брегзит ќе значи вистинска национална обнова и промена. Тој ќе донесе надеж и можности во сите делови на Велика Британија. Ова е почеток на нова ера. Велика Британија повторно ќе ги открие мускулите што не ги користела со децении – порача Џонсон.

Се огласија и лидерот на најголемата опозициска Лабуристичка партија, Џереми Корбин, како и премиерката на Шкотска, Никола Старџен.

Корбин ја повика државата да не се изолира по напуштање на ЕУ, додека шкотската премиерка Брегзит го нарече клучен момент за Обединетото Кралство и најави борба за независност на Шкотска.

Напуштањето на ЕУ е момент на реална и длабока тага за многумина од нас низ Британија. А, тука во Шкотска, имајќи предвид дека Брегзит се случува против волјата огромно мнозинство од нас, тагата ќе биде проткаена со гнев. Мојата задача е да ја одведам Шкотска во независност – порача Старџен.

Поделени чувства и ставови Брегзит предизвика и меѓу граѓаните за кои дождот не беше пречка да излезат и да го покажат своето мислење.

Од една страна, поддржувачите на ЕУ оддржаа поворка за да се „простат од Унијата“, додека поддржувачите на Брегзит се собраа на Плоштадот на парламентот и пееја патриотски песни.

Од овој момент за Велика Британија почнува период на транзиција. До крајот на годината земјата ќе остане дел од заедничкиот европски пазар и од царинската унија. До тогаш повеќето европски закони ќе останат на сила, по што Британија ќе склучи траен договор за слободна трговија со ЕУ.