Инвестициите во технолошкиот сектор во Велика Британија во 2019 година се зголемиле за 44 проценти до рекордни 13,2 милијарди фунти, што претставува една третина од целокупното европско финансирање во овој сектор.
Таа бројка го надминува износот на вложувањето во овој сектор во Франција и Германија заедно, соопшти Советот за дигитална економија при британската Влада.
Велика Британија заостанува само зад САД и Кина во однос на финансирање на капитал, но затоа, апк, бележи силен раст, додека кај двата најголеми конкуренти има пад, покажуваат студиите.
На локално ниво, Лондон се придружува кон Сан Франциско, Пекинг и Њујорк, како врвни дестинации за најголемо финансирање во технологија во светот.
– Фантастично да се види дека Велика Британија и натаму е најдоброто место во Европа за почнување и развој на технолошкиот бизнис, со рекордни инвестиции и создавање осум нови компании за милијарда долари во минатата година – изјави британскиот министер за дигитални услуги, Мет Ворман.
Министерот исто така посочи дека иако земјата е во добра позиција не може да си дозволи да биде самозадоволна и мора да обезбеди владината политика да го поддржува технолошкиот сектор.