Ватикан го прифати барањето на еден индиски бискуп привремено да биде ослободен од должноста затоа што е под истрага под обвинение дека силувал калуѓерка.
Во писмото објавено на веб-страницата на Католичката бискупска конференција на Индија, нејзиниот претседател, кардиналот Освалд Грацијас, навел дека папата Франциско примил барање бискупот привремено да биде ослободен од должноста.
Калуѓерката тврди дека бискупот Франц Мулакала, кој ја предводи Јаландхарската бискупија, ја силувал во период од две години. Против него сè уште не е поведено обвинение, но во интервју за медиумите ги отфрлил обвинувањата.
Ватикан вообичаено не ги објавува привремените промени на статусите, туку само трајните оставки на бискупите откако ќе ги прифати папата и стануваат официјални.