Тимови на турската полиција уапсија уште две лица во рамките на истрагата за пукањето во Амбасадата на САД во Анкара на 20-ти август.
Шест истрели беа истрелани од автомобил во движење во правец на дипломатското претставништво во Анкара во 5 часот утрото на 20 август.Никој не настрада при пукањето, но три куршуми го погодија заштитното стакло од безбедносната кабина. Уште истиот ден силите на редот уапсија двајцата напаѓачи Ахмет Челиктен и Осман Гундаш.
Турската полиција синоќа уапси уште две лица, осомничени дека се поврзани со пукањето кон амбасадата.
Двајцата биле уапсени откако за време на испрашувањето на Челиктен и Гундаш станало јасно дека уште лица се поврзани со нападот на американското дипломатско претставништво. Инспекторите изјавија дека не е исклучено уште лица да бидат приведени во рамките на истрагата.