Шефот на германската подружница на УНИЦЕФ, Христијан Шнајдер, предупреди дека пандемијата на корона вирусот ја загрозува основната грижа за најсиромашните деца во светот кои живеат во земјите во развој и кризните жаришта.
Според Шнајдер, пандемијата е егзистенцијална закана за милиони деца.
– Само со меѓународно координирана акција може да се спречи светската здравствена криза да се претвори во катастрофа за децата – истакна Шнајдер.
Тој како особено загрижувачка ја истакна состојбата и ширењето на вирусот во преполните бегалски кампови во Грција и Сирија.
– Многу деца таму веќе страдаат од неисхранетост и претходни болести и имаат преслаб имунитет за да се борат против новите опасности – смета Шнајдер.
Тој додава дека во голема опасност се и децата во Јужна Африка. Околу 40 отсто Африканци дома немаат можност да ги мијат рацете со вода и сапун, што е од клучно значење за запирање на вирусот. Во Азија посебно загрижува бројот на заразени во Бангладеш.
– Повеќе од 850.000 припадници на Рохинџите живеат во преполни бегалски кампови – вели Шнајдер.
УНИЦЕФ апелира до владите, компаниите и приватните донатори да направат се што можат за да обезбедат заштита и нега за загрозените деца.