Средношколци во Бангладеш протестираат петти ден по ред откако автобус што се движел со преголема брзина учествувал во сообраќајна несреќа во која двајца тинејџери ги загубиле животите.
Учениците ги блокираат главните крстосници во престолнината Дака, поради што настанал целосен сообраќаен хаос во градот кој има повеќе од 18 милиони жители.
Тие бараат правда и подобрени услови на патиштата, како и зголемени безбедносни мерки.
„Не сакаме во сообраќајот да учествуваат возила што ги немаат потребните дозволи“, велат тие.Учениците носат транспаренти со зборовите „Сакаме правда“ и со блокади ги застануваат возачите барајќи увид во нивната возачка документација.
Според истражувањето на Националниот комитет за заштита на бродови, патишта и железници, минатата година повеќе од 4 200 луѓе во Бангладеш загинале во сообраќајни несреќи, од кои повеќето биле предизвикани од невнимателни возачи.
Министерот за образование вети дека барањата на учениците ќе бидат земени предвид, а средните училишта не работат во деновите на протестот.